Во текот на изминатите неколку месеци одредени корисници на „Јутјуб“ имаа пристап до низа бесплатни мали игри, а наскоро сите ќе го добијат тоа. Во менито „Истражувај“ ќе се појави нов дел „Игривост“ (Плејаблс).
Првично ќе има повеќе од 75 игри, кои сите корисници ќе можат да ги играат директно во интерфејсот преку кој вообичаено пристапуваат до „Јутјуб“, и на десктоп и во мобилните апликации на „иОС“ и „Андроид“. Овој потег е сличен на оној на „Нетфликс“ пред неколку години, но во случајот со „Јутјуб“ за пристап до игрите не е потребна претплата.
„Плејаблс“ е нов, забавен и интерактивен начин за уживање во „Јутјуб“, велат од компанијата, нагласувајќи дека фокусот е на „лесните и забавните“ игри, како што се „Енгри брдс“,„Вордс оф вондерс“, „Кат д роуп“ и слично. Иако едноставни, игрите овозможуваат и снимање на напредокот и следење на најдобрите резултати.
Доколку сè уште не ги гледате во вашиот интерфејс на „Јутјуб“, бидете трпеливи – сите корисници ќе добијат пристап.