Home ИНОВАЦИИ Авион на батерии за 90 патници: Холандски стартап работи на електричен авион...

Авион на батерии за 90 патници: Холандски стартап работи на електричен авион за позелена иднина

248

Комерцијалната авијација остава голем еколошки отпечаток и доколку продолжат сегашните трендови, нема да успее да ја постигне целта за намалување на штетните гасови на нула до 2050 година. Одржливо гориво сè уште не се произведува доволно брзо, а алтернатива сè уште не е на повидок.

Еден од проблемите е што електрифицирањето на авионите не е лесно како што е за друмските возила, а во индустријата постои консензус дека технологијата на батерии треба да еволуира пред електричните авиони да станат реалност.

Сепак, еден холандски стартап „Елисијан“ веќе планира да изгради целосно електричен авион со домет од 805 километри и место за 90 патници, што би можело да ја намали емисијата на штетни гасови за дури 90 отсто, а целта е да го има првиот комерцијален лет во следните десет години.

– Се запрашавме: како можеме да го добиеме максималниот дострел од технологијата за батерии што веќе ја имаме. Можно е да се лета многу подалеку со авион на електричен погон отколку што тврдат повеќето студии, ако се направат вистинските избори – вели Рејнар де Вриес, директор за дизајн и инженерство во „Елисијан“.

Неконвенционален дизајн

Авионот со име E9X моментално постои само на хартија. Првиот модел би требало да биде изграден за две до три години, а прототипот во целосни размери до 2030 година. Сепак, веќе се знае како ќе изгледа.

– Не треба да претпоставувате дека електричниот авион ќе изгледа исто како и најдобрите авиони од денес – вели Де Ври за Си-ен-ен.

Тој додава дека во тој случај дострелот на авионот би бил ограничен, веројатно под 40 километри.

– Она што го добивате е авион кој, во однос на тежината, повеќе изгледа како старите авиони од шеесетите. Тоа би бил авион чија тежина би бил голем дел од батериите, а многу помалку од останатиот дел од структурата. Резултатот е авион кој е поголем и потежок, но може да лета подалеку отколку што луѓето претходно мислеа.

E9X ќе има осум пропелери и распон на крилата од речиси 42 метри, што е поголемо од авионите Боинг 737 или Ербас А32, кои можат да пренесат двојно повеќе патници.

Дизајнот е резултат на соработката со Технолошкиот универзитет Делфт, најстариот и најголемиот технички универзитет во Холандија, а принципите се објаснети во научниот труд „Нова перспектива на батериско-електричното воздухопловство“, кој покрај Де Врис, е потпишан од Роб Валсвинкел и голем број други автори.

Интересно е што според нивниот дизајн, батериите се сместени во крилата на авионот. Технологијата е слична на онаа што е веќе достапна, а предвид се земаат и можните подобрувања кои би можеле да се случат во следните четири или пет години.

– Тоа отвора различни сценарија. Според најконзервативните, леталото ќе има домет од 482 километри, но веруваме дека за четири години може да биде 800 километри – вели Де Ври.

Сè на сè, Де Врис очекува авионот да има помеѓу 75 и 90 проценти помал еколошки отпечаток од денешните авиони со тесно тело, дури и кога се зема предвид производството на батерии и електричната енергија потребна за нивно полнење.

E9X е дизајниран да се вклопи во постојната аеродромска инфраструктура, без никакви измени. Сепак, проблемот може да биде што полнењето на батериите трае подолго од полнењето гориво, што може да влијае на распоредот на летовите.

– Нашата цел е да го намалиме времето потребно за максимално полнење на 45 минути, што е подолго од вообичаеното чекање за повратен лет на кое се навикнати некои авиокомпании, особено нискобуџетните. Сепак, ова е горната граница, а Просечното време на полнење ќе биде околу половина час – вели Де Вриј.

Конкурентен пазар

„Елисијан“ не е единствениот. Голем број други компании работат на нивните електрични авиони, а некои најавуваат дека ќе се најдат на пазарот уште пред E9x. Една од нив е британско-американската „ЗироАвија“, која веќе успешно тестираше авион за 19 патници, придвижуван од два електромотори на водород, а целта е веќе следната година да ги има првите комерцијални летови.

Исто така, израелската „Евиејшн“ го тестираше и авионот Алис, електричен авион за девет патници, со автономија од 463 километри, кој треба да започне со работа во 2027 година.

Конечно, шведскиот производител „Харт Аероспејс“ работи на авион со 30 патници наречен ЕС-30, но кој има домет од само 185 километри, а кој се планира да биде во комерцијална употреба во 2028 година.

Гари Кричлоу, аналитичар во консултантската фирма „Евиејшн велјус“ смета дека „Елисијан“ се соочува со сериозни предизвици.

– Денес има над 5.000 авиони во категоријата E9X со 70 до 100 седишта. Нашите податоци покажуваат дека овие авиони можат да останат во употреба со децении. Тоа значи дека е многу тешко да се разниша предноста што ја имаат етаблираните производители во тој сегмент на пазарот – смета тој.

Секоја нова технологија, вели Кричлоу, ќе мора да има значителна предност во однос на докажаните флоти. Посебен проблем е инфраструктурата потребна за стабилно производство на авиони, обука и достапност на резервни делови, како и сигурна мрежа за полнење батерии.