Home ВИ Новата германска туристичка инфлуенсерка е, всушност, чет-бот со вештачка интелигенција

Новата германска туристичка инфлуенсерка е, всушност, чет-бот со вештачка интелигенција

105

Запознајте ја Ема, новата германска инфлуенсерка за туризам на која туристичката индустрија не остана рамнодушна.

Млада е, убава, зборува 20 јазици, има профил на „Инстаграм“. И навистина сака да патува низ својата татковина. Но, таа не е вистинска.

Првпат била претставена во видео на Германската туристичка заедница. Опишана како „иновативен, интерактивен бренд-амбасадор“, Ема е аватар со вештачка интелигенција создаден за да ги убеди туристите да ја посетат Германија.

„Здраво, јас сум Ема“, вели аватарот, стоејќи пред Бранденбуршката порта. „Возбудена сум што ќе ве одведам на неверојатно патување низ оваа фасцинантна и инспиративна земја“, додава таа од воз што сообраќа низ германските села. Во раката држи камера, а ветрот ѝ ја дува косата – сите овие визуелни изданија на Ема се создадени со вештачка интелигенција.

– Ликот на Ема беше дизајниран за да долови модерен, космополитски жител на Берлин кој се чувствува природно во дигиталниот свет. Таа е во средината на 30-тите години и сака технологија и истражување. Долгорочната визија е Ема да стане незаменлива компонента на стратегијата на заедницата за дигитална комуникација – се вели во соопштението на Германската туристичка заедница.

– Ема ќе работи заедно со нашите веќе воспоставени маркетинг-структури. Во соработка со „традиционалните“ инфлуенсери, минатата година успеавме да достигнеме 148 милиони интеракции на социјалните мрежи – истакна Петра Хедорфер, извршна директорка на Германската туристичка заедница.

„Можете да прашате што сакате, а јас со задоволство ќе одговорам“, весело вели Ема на крајот од првото видео. Таа поминува 24 часа во комуникација со своите 1.061 следбеник на „Инстаграм“ одговарајќи на прашања на веб-страницата на туристичката табла. Зошто? Бидејќи Ема е чет-бот.

Чет-ботови напојувани со машинско учење се најчесто применетиот тип на вештачка интелигенција во компаниите. Тие обезбедуваат автоматизирани, брзи одговори на барањата на клиентите, додека ги намалуваат трошоците. Германската туристичка заедница признава дека чет-бот базиран на вештачка интелигенција одговара на прашања на клиентите на нивната веб-страница уште од 2020 година.

Чет-ботовите со вештачка интелигенција стануваат сѐ почести во туристичката индустрија. Ги користат „Експедија“, „Трипадвајзор“, Букинг“ и „Кајак“. Неизбежно е да ги има сѐ повеќе и повеќе.

Некои набљудувачи на индустријата се скептични.

Патописците, блогерите и инфлуенсерите на социјалните мрежи на почетокот реагирале исклучително негативно на Ема. А нејзиниот инстаграм-профил е исполнет со неверување и гнев.

– Извинете, но никој не сака да гледа лажна личност со вештачка интелигенција во лажна верзија на Германија со вештачка интелигенција и таму да добива совет или инспирација. Ве молиме користете вистински луѓе кои имаат вистинска љубов кон Германија – напишал еден корисник.

Ема идентично им одговора на сите корисници: „Со воведување на Ема како наша ВИ инфлуенсерка, правиме возбудлив чекор напред во нашата дигитална стратегија!“

Да, Ема често зборува за себе во трето лице.

Но, Германската туристичка заедница не е првата што ги испробува влијателните моменти на вештачката интелигенција. Минатата година италијанското министерство за туризам дигитално ја „оживеа“ Венера на Ботичели како виртуелен инфлуенсер во маркетинг-кампања. Но, се чини дека кампањата пропадна.