Францускиот стартап „Мистрал“, вреден дури 5 милијарди евра, ја лансира својата нова алатка за вештачка интелигенција – чет-бот со голем јазичен модел, напојуван од вештачка интелигенција, наречен „Ле Чат“. Презентиран е како сеопфатен асистент за вештачка интелигенција за работата и животот воопшто, способен да ги презема најновите вести и информации од интернет, да помага при програмирање, при закажување обврски, следење проекти, па дури и за задачи што ги извршуваат неговите попознати конкуренти, како што е сумирање на документи. Сепак, она што го разликува од другите е, пред сè, брзината.
До 1.000 збора во секунда
„Ле Чат“ е до 10 пати побрз во обезбедувањето одговори од „Чет-ГПТ“ и „Дипсик Р1“: може да каже до илјада збора во секунда. Се напојува со најбрзите алгоритми за разбирање текст, расудување и генерирање одговори, па со овозможување на опцијата „Флеш енсрс“, корисниците можат буквално да добијат комплетен програмски код за игра или друг проект додека да „трепнат“. Зад сето тоа стои јазичниот модел „Мистрал Ларџ 2“ со 123 милијарди параметри. Работи на специјализирани чипови од „Церебрас“.
Моделите на „Мистрал“ се обучени на различни извори, што треба да ги направи избалансирани и со способност да одговараат на прашања, истовремено обезбедувајќи веродостојни информации поддржани од извори. Системот е опремен и со компјутерска визија и ОЦР-технологија, така што ги разбира како влезни информации и обичен текст и ПДФ-документи, табели, дневници или текст напишан и претставен во еден од графичките формати.
Кога станува збор за програмирање, вклучен е и преведувач на кодови, што значи дека програмите за чет може да се тестираат веднаш. За комплетирање на пакетот, за моделот на дифузија се погрижил тимот на „Блек форест лабс“, така што „Ле Чат“ ќе може да генерира и илустрации, од фотореалистични до оние потребни за, на пример, креативни визуелни елементи во деловниот свет.
„Мистрал“ го нуди новиот „Ле Чат“ бесплатно, така што сè што е опишано во алатката е достапно за сите корисници, само во ограничени количини. За напредните корисници, постои „про“ верзија со претплата од 14,99 долари месечно, додека поскапите опции за „Тим“ и „Ентерпрајз“ се резервирани за компаниите.
„Ле Чат“ е достапен на веб или како самостојна мобилна апликација за „иОС“ и „Андроид“.
Ова е одговор на Франција и Европа на најновите големи достигнувања во американската и кинеската технологија, но и демонстрација дека употребливи (ако не и подобри) алатки за вештачка интелигенција можат да се изградат на нашиот континент – дури и без „Нвидија“ и нејзините чипови.