Home АПЛИКАЦИИ Duolingo го “уби” своето зелено бувче – маркетинг кампања која привлече големо...

Duolingo го “уби” своето зелено бувче – маркетинг кампања која привлече големо внимание

66

Со објава на социјалните мрежи, Duolingo со „тешко срце“ објави дека нивното познато зелено бувче, Duo, е „мртво“. Според хумористичната објава, „надлежните органи“ го истражуваат случајот, а компанијата целосно соработува.

Во пораката, брендот саркастично коментира дека Duo најверојатно „умрел чекајќи корисниците да ја завршат лекцијата“, алудирајќи на досегашната стратегија на апликацијата да испраќа постојани потсетници за учење. Дополнително, во објавата компанијата шеговито ги замоли корисниците да не ја споделуваат својата омраза кон Duo, освен ако не се подготвени да го сторат тоа заедно со бројот на нивната кредитна картичка за автоматска претплата на Duolingo Max.

Во духот на оваа маркетинг кампања, Duolingo ги ажурираше своите профилни слики на социјалните мрежи, како и иконата на апликацијата, заменувајќи ги очите на бувчето со X-симболи.

Бувче кое предизвикува силни емоции

Веќе со години корисниците ја обвинуваат апликацијата за „емоционална уцена“, тврдејќи дека начините на кои Duolingo ги потсетува луѓето да учат јазици се агресивни и манипулативни. Некои корисници на Reddit опишуваат како апликацијата испраќа известувања кои ги прават да се чувствуваат виновни, а иконата на бувчето станува постаро и потажно лице кога некој подолго време не ја користи апликацијата. Родители дури се жалеле дека совата ги „тера децата да плачат“.

Сепак, од маркетиншка перспектива, оваа стратегија работи. Без разлика дали го сакаат или мразат бувчето, корисниците остануваат ангажирани со брендот. Во сите свои реклами, на YouTube, TikTok и други платформи, Duo секогаш бил дрзок, досаден и немилосрден – лик кој, без оглед на поплаките, останува запаметен.

Иако „смртта“ на бувчето Duo е само дел од шеговита маркетинг кампања, оваа стратегија покажува како Duolingo успешно користи провокација и хумор за да го задржи вниманието на корисниците.