Дежурниот информатор на „Блумберг“, Марк Гурман, тврди дека дошол до информации оти „Епл“ работи на проект наречен „Проџект Мулбери“, чија цел е да интегрира напреден агент за вештачка интелигенција во апликацијата „Епл хелт“.
Ова значи дека во апликацијата за следење и одржување на здравјето на „Епл“ ќе добиете квалификуван лекар со вештачка интелигенција кој би можел да ви даде персонализирани одговори, совети и дијагноза врз основа на симптомите што му ги опишувате, а исто така ќе „работи“ и како ваш личен тренер за фитнес.
Лекарот создаден со вештачка интелигенција ќе ви постави голем број прашања врз основа на вашите основни симптоми, исто како вистински лекар, за да постави правилна дијагноза, по што ќе ви понуди методи на лекување и терапии, или ќе ве упати да го посетите вашиот лекар, кој ќе направи дополнителни тестови или ќе ве упати на специјалист.
Според Гурман, апликацијата ќе содржи и видеа од вистински лекари за голем број теми и болести, за да можете да добивате подобри одговори и совети врз основа на дијагнозите што веќе ви биле дадени.
Од „Епл“ наводно ангажирале голем број лекари за да ја развијат оваа функција, вклучувајќи и познат лекар кој ќе биде заштитно лице на новата услуга.