„Тик-ток“ одлучи да им помогне на ненаспаните тинејџери. Имено, платформата објави дека во апликацијата воведува водич за медитација, кој по 22 часот ќе биде задолжителен за сите корисници помлади од 18 години.
Програмата се вика „Медитејшн ин слип аурс“ и ќе биде автоматски активирана за тинејџерите, а достапна е и за сите други корисници. Функционира на следниот начин: штом дојде 22 часот, скролањето се прекинува и започнува медитација која го поттикнува корисникот да го смири умот и да легне да спие. Медитацијата го покрива целиот екран, се пушта релаксирачка музика, како и смирувачки зборови. При тестирањето на оваа функција 98 отсто од малолетните корисници одлучиле да ја задржат, што претставуваше изненадувачки резултат.
„На младите им се потребни повеќе алатки за нивната благосостојба“
Во март „Тик-ток“ ја претстави и функција „Тајм авеј“, која им овозможува на родителите да го блокираат користењето на апликацијата во одредени периоди, на пример, пред спиење.
– Тинејџерите можат да побараат дополнително време, но родителите ја имаат последната одлука – соопшти компанијата, додавајќи дека сите под 18 години автоматски ќе имаат дневно ограничување за користење од еден час.
Многу тинејџери се израдуваа на ограничувањата
Според истражување на Центарот „Пју“, дури шест од десет тинејџери користат „Тик-ток“ секојдневно, а 16 отсто признаваат дека се на платформата речиси цело време.
15-годишниот Тео, член на здружението на тинејџери на порталот „Шиноус“, во април изјави дека гледа позитивна страна во евентуалната забрана на апликацијата. Многу слични реакции се појавија откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ја забрани апликацијата во САД.
Според Фондацијата за спиење, долготрајната употреба на електронски уреди дење и ноќе, особено кај адолесцентите, може да го отежни заспивањето. Организацијата препорачува најмалку еден час пред легнување да не се користат екрани, да се спие без електронски уреди во просторијата и генерално да се намали времето поминато на нив. Овој потег на „Тик-ток“ би можел да им помогне на сите што се нарекуваат „ноќни птици“.