Џими Доналдсон, познат како MrBeast, викендов сруши уште еден голем рекорд на YouTube – стана првиот креатор кој достигнал неверојатни 400 милиони претплатници на својот канал. Овој успех доаѓа помалку од една година откако во јули 2024 година го надмина претходниот рекорд од 300 милиони претплатници.
Рекорд над рекордите
MrBeast со овој подвиг уште еднаш потврди дека е неприкосновен владетел на платформата, рушејќи ги сите граници на популарност. Потсетување: уште во 2022 година тој го престигна долгогодишниот YouTube крал PewDiePie, достигнувајќи 112 милиони следбеници. Подоцна стана првиот YouTuber што ја надмина бројката од 200, па 300 милиони претплатници.
Единствениот канал што доскоро му беше конкурент е индискиот музички гигант T-Series, кој овие денови се доближува до 300 милиони претплатници – но сепак, останува далеку зад Доналдсон.
Неверојатен раст и приходи
Според податоците на платформата Social Blade, MrBeast досега има објавено 875 видеа, а каналот во просек добива околу 2 милиони нови претплатници неделно, односно 333.000 дневно. Тој не е само најследен креатор на платформата, туку и најплатен YouTuber последниве неколку години.
Неговите годишни приходи се проценуваат меѓу 650 и 750 милиони американски долари, вклучувајќи приходи од монетизација на видеата, спонзорства, реклами, продажба на бренд продукти, франшизи, и новиот реалити шоу проект Beast Games на Amazon Prime. Вкупното богатство на Доналдсон се проценува на околу една милијарда долари.
Во објава по повод новиот рекорд, MrBeast порача:
„Најголемиот дар во животот е кога можеш секој ден да се разбудиш со цел. Благодарение на YouTube и на вас – јас ја имам таа привилегија.“