|
Getting your Trinity Audio player ready...
|
Дали во последно време имате проблеми со пристапот до омилените веб-страници? Не сте единствени.
Интернет-гигантот „Клаудфлер“ вчера доживеа пад на системот кој привремено онеспособи неколку популарни сервиси, од „Спотифај“ до „Чет-ГПТ“, па дури и социјалната мрежа „Трут соушл“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Ова е само последниот во низата големи интернет-прекини, откако минатиот месец проблем со „Амазон веб-сервис“ го наруши секојдневниот живот на милиони луѓе, а само неколку дена подоцна падна и „Мајкрософот азур“.
Според експертите, овие настани се резултат на комбинација на сè поголема зависност од дигитални услуги, концентрација на клучната инфраструктура во рацете на неколку компании и тенденцијата на луѓето да се жалат на технолошки проблеми онлајн. Исто така, ова покажува дека никој, дури ни најголемите технолошки компании, не е имун на технички дефекти.
Што предизвика пад на „Клаудфлер“?
Од „Клаудфлер“ велат дека прекинот бил резултат на технички проблем, а не на сајбер-напад. Компанијата објасни дека проблемот го предизвикала конфигурациска датотека.
– Датотеката порасна над очекуваната големина и предизвика пад во софтверскиот систем кој ја обработува сообраќајната функција за неколку услуги на „Клаудфлер“ – се наведува во соопштението.
Дејн Кнехт, главен технолошки директор на „Клаудфлер“, сподели повеќе детали на социјалната мрежа „Екс“. Рутинската промена на конфигурацијата активирала баг, што довело до широко деградирање на мрежата и други услуги.
– Работиме на тоа да се осигури дека ова повеќе нема да се случи, но знам дека тоа предизвика вистински проблеми – напиша тој.
Дали големите прекини на интернет се почести?
Фактот дека три големи прекини се случија во рок од еден месец е случајност. Сепак, Хагерти признава дека се чини како тие да се почести, особено поради обемот на нивното влијание.
– Бројот на прекини останува константен, но бројот на веб-страници и апликации зависни од овие услуги се зголемува, предизвикувајќи поголеми проблеми за корисниците – објаснува Анџелик Медина, раководител за интернет-интелигенција во „Сиско таусендајс“.
Сервисот за следење на мрежата на „Сиско“ досега регистрирал 12 големи прекини во 2025 година, без да се смета овој на „Клаудфлер“. За споредба, во 2024 биле 23, во 2023 биле 13, а во 2022 биле 10. Големиот прекин на „Краудстрајк“ во 2024 година го наруши работењето на компании, воздушниот сообраќај и болниците низ светот.
Влијанието е големо затоа што поголемиот дел од интернетот се потпира на неколку клучни провајдери, како „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Гугл“.
– Пред дваесет години било вообичаено ИТ-услугите постојано да не функционираат. Не било чудно да се поминат седум дена на работа со барем еден прекин на ИТ-услуга – вели Мајк Чапл, професор на Универзитетот „Нотрдам“.












































