|
Getting your Trinity Audio player ready...
|
Новиот MacBook се очекува да се појави оваа пролет и е наменет за корисници кои бараат пониска цена и долг век на батеријата
Apple планира во текот на пролетта 2026 година, приближно во март или април, да претстави нов MacBook со екран со дијагонала од 12,9 инчи. Овој модел ќе биде позициониран помеѓу влезната и средната класа, со јасен фокус на поповолен однос меѓу цената и можностите.
Специфичноста на овој уред е користењето на A18 Pro чипот, истиот што ги напојува iPhone 16 Pro моделите. Станува збор за чип со 6 процесорски јадра, 6 графички јадра и 16-јадрен Neural Engine блок, а неговите перформанси се проценуваат како приближни на M1 чипот.
Поповолен MacBook со iPhone чип и без вентилатор
Се очекува новиот MacBook да доаѓа со 8 GB RAM, додека актуелните MacBook Air и MacBook Pro модели започнуваат со 16 GB. И покрај тоа, уредот без проблем би требало да ги извршува секојдневните задачи како обработка на документи, сурфање на интернет, репродукција на 4K видео содржина и основна обработка на фотографии.
Благодарение на енергетски ефикасните чипови од A-серијата, Apple планира целосно пасивно ладење, без вентилатори, со што се елиминира бучавата и дополнителната топлина во куќиштето. Во комбинација со батерија со голем капацитет, автономијата при репродукција на видео се проценува на помеѓу 15 и 18 часа, што е споредливо со MacBook Air моделите.
Треба да се има предвид дека A18 Pro не поддржува Thunderbolt технологија, па уредот ќе биде опремен со стандарден USB-C приклучок. Тоа значи дека брзината на пренос на податоци и можностите за поврзување на екстерни монитори ќе бидат донекаде ограничени во споредба со поскапите MacBook модели.
Екранот со дијагонала од 12,9 инчи по големина одговара на одредени iPad Air и iPad Pro модели и е нешто помал од 13,6-инчниот екран на MacBook Air. Дизајнерски, новиот MacBook ќе се потпира на поранешниот 12-инчен MacBook што Apple претходно го укина, со акцент на исклучително тенко и лесно куќиште.
Планирани се и различни бои на куќиштето, вклучувајќи: сребрена, сина, розова и жолта, што визуелно потсетува на стилот на iMac компјутерите.
Ценовно, овој поповолен MacBook го таргетира влезниот и средниот сегмент на пазарот. Во САД се очекува почетна цена во распон од 599 до 899 долари, пренесува TrendForce.












































