|
Getting your Trinity Audio player ready...
|
Apple наводно планира првиот iPhone со главна камера од 200 MP во 2028 година. Извештајот открива кога пристигнува и кој го произведува сензорот.
Apple конечно би можел да ја достигне Android конкуренцијата кога станува збор за екстремно висока резолуција на главната камера. Според најновиот извештај, компанијата планира во 2028 година да го претстави првиот iPhone опремен со главна камера од дури 200 мегапиксели.
Во Android светот, телефоните со 200 MP камери одамна не се новост. Samsung и уште неколку производители веќе со години нудат вакви сензори, било како главна камера или како дел од перископскиот телефото систем. Сепак, Apple традиционално побавно ги прифаќа новите хардверски трендови, фокусирајќи се на обработката на сликата и вкупниот квалитет, а не само на бројот на мегапиксели.
iPhone: бавна, но темелна стратегија за зголемување на резолуцијата на главната камера
Уште минатата година се појавија првите информации дека Apple развива iPhone со 200 MP главна камера, но тогаш не беше јасно кога таков уред би можел да се појави на пазарот. Сега, најновиот извештај на инвестициската куќа Morgan Stanley носи поконкретна временска рамка.
Според тој извештај, Apple планира првиот iPhone со 200 MP главна камера да го лансира во текот на 2028 година, а се шпекулира дека тоа би можел да биде iPhone 21. Исто така се наведува дека сензорот ќе го произведува Samsung, и тоа во својата фабрика во американската сојузна држава Тексас.
Ако овие информации се покажат како точни, Apple во релативно краток период ќе направи огромен скок во резолуцијата. Да потсетиме, iPhone 14 Pro беше првиот што донесе премин од 12 MP на 48 MP главна камера, додека ултрашироката и телефото камерата дури во наредните генерации ја достигнаа истата резолуција. Кај актуелната серија iPhone 17 Pro, сите три задни камери конечно се изедначени на 48 MP.
Во тој контекст, преминот на 200 MP би значел дека Apple за само шест години ја зголемил резолуцијата на главната камера од 12 MP на 200 MP, што би било еден од најголемите исчекори во историјата на iPhone камерата. Сепак, истиот извор наведува дека развојот сè уште не стигнал до фазата на тестирање прототипи, што значи дека плановите сè уште се подложни на промени.











































