Home ВИ Стапи на сила Европскиот закон за вештачка интелигенција

Стапи на сила Европскиот закон за вештачка интелигенција

217

Денеска стапи на сила Европскиот закон за вештачка интелигенција, познат и како Акт за вештачка интелигенција – првата сеопфатна регулатива во светот за оваа технологија.

Законот е создаден за да гарантира дека вештачката интелигенција развиена и користена во ЕУ е доверлива, со соодветна заштита на основните човекови права, соопшти Европската комисија.

„Регулативата има за цел да воспостави хармонизиран внатрешен пазар за вештачка интелигенција во ЕУ, охрабрувајќи го прифаќањето на оваа технологија и создавајќи средина за поддршка на иновации и инвестиции“, велат од Комисијата.

Повеќето одредби од законот ќе бидат целосно применливи од средината на 2026 година. Во меѓувреме, за шест месеци од сега се очекува да биде спроведена забраната за користење на вештачката интелигенција во одредени цели, како што е употребата на далечински биометриски податоци на јавни места.

Според пристапот на ЕУ, повеќето апликации базирани на АИ се сметаат за „нискоризични“ или без ризик, што значи дека воопшто нема да бидат засегнати од регулативата.

Дел од потенцијалните употреби на вештачката интелигенција се класифицирани како „високоризични“, а тука спаѓаат биометриското препознавање на лица, медицинските софтвери и користењето на АИ во области како образование или вработување.

Системите што ги користат властите во јавниот сектор или нивните добавувачи, пак, ќе треба да бидат регистрирани во базата на податоци на ЕУ.

Третото ниво на „ограничен ризик“ се однесува на технологиите за вештачка интелигенција како што се четботовите или алатките што би можеле да се користат за производство на дипфејк содржини. Овие технологии ќе треба да исполнат одредени барања за транспарентност за да осигурат дека корисниците нема да бидат измамени.

„Системите за вештачка интелигенција како четботовите, мора јасно да им посочат на корисниците дека имаат интеракција со машина. Одредени содржини генерирани со вештачка интелигенција, вклучително и дипфејковите, мора да бидат означени како такви, а корисниците треба да бидат информирани кога се користат системи за биометриска категоризација или препознавање емоции“, велат од Европската комисија.

Казните, исто така, се класифицирани на неколку нивоа и се движат до 7 отсто од годишната заработка на компаниите.

Земјите-членки имаат рок до 2 август следната година да назначат национални надлежни органи кои ќе ја надгледуваат примената на правилата од законот и ќе вршат надзор на пазарот. Канцеларијата за вештачка интелигенција на Европската комисија, пак, ќе биде клучното тело за спроведување на овој закон на ниво на ЕУ.

Кон крајот на минатиот месец, компанијата „Опен АИ“ – креатор на популарниот четбот ChatGPT, соопшти дека очекува блиска соработка со Канцеларијата за вештачка интелигенција на ЕУ и другите релевантни органи при спровеувањето на законот во наредните месеци.