Home ЗАНИМЛИВОСТИ Ново истражување покажува дека играњето видеоигри ја зголемува благосостојбата на луѓето

Ново истражување покажува дека играњето видеоигри ја зголемува благосостојбата на луѓето

111

За видеоигрите и нивното влијание врз луѓето, особено врз младите, често се пишува во негативен контекст, како што се зависност, изложеност на насилна содржина, отуѓување од општеството и слично. Исто така, и Светската здравствена организација ја означи зависноста од видеоигри како ментална болест, па јасно е зошто родителите не се воодушевени кога нивните деца се заклучуваат в соба со часови и поминуваат време пред екраните.

Но, резултатите од неодамнешно истражување покажаа дека видеоигрите можат да имаат позитивни ефекти врз луѓето, како што се намалување на стресот и зголемување на креативноста. Исто така, играњето видеоигри може да биде добро за вашето ментално здравје, но само ако играте умерено, односно ако не претерувате. Интересно, резултатите покажаа дека само поседувањето конзола за игри може позитивно да влијае врз менталната состојба на луѓето.

Не повеќе од 3 часа на ден

Истражувањето го спроведоа научници од Универзитетот „Нихон“ во Токио, а во Јапонија било спроведено помеѓу 2020 и 2022 година (односно за време на пандемијата) на речиси 100.000 луѓе на возраст од 10 до 60 години. Во текот на истражувањето научниците ги следеле психолошкиот стрес и задоволството од животот на луѓето кои учествувале во истражувањето.

Луѓето што играле видеоигри на тој начин постигнале подобри резултати, односно се покажало дека играњето има позитивно влијание врз нивната благосостојба. Но, тоа не значи дека сега треба да ја вклучите конзолата или компјутерот и да го поминете целиот ден играјќи игри за да се чувствувате посреќно и поисполнето. Имено, овие резултати покажаа и дека постои граница на задоволство, која изнесува околу три часа играње дневно. Кај оние што играле повеќе од тоа, оцените поврзани со благосостојбата и задоволството од животот се намалиле, а колку подолго играле гејмерите, толку помала била оцената.

Интересни се информациите поврзани со поседувањето и купувањето нови конзоли. Бидејќи истражувањето било спроведено за време на пандемијата, кога имаше голем недостиг на производи, вклучително и конзоли, во Јапонија малопродажните синџири користеа тактика слична на лотарија во која ги извлекуваа оние што можеа да купат конзоли. За ваков лото-систем за купување конзоли се пријавиле повеќе од 8.000 луѓе кои учествувале во истражувањето, а оние што биле извлечени (од нив повеќе од 2.300) во истражувањето покажале поголемо задоволство од животот и имале помал стрес.

Истражувањето покажало и некои интересни работи поврзани со поседувањето на самите конзоли, па поседувањето „нинтендо свич“ позитивно влијаело врз благосостојбата на младите, особено врз девојчињата, додека момчињата биле позадоволни со „плејстејшн 5“, како и членовите на постарата популација која нема деца.

– Сите наши предвидувања покажуваат позитивна поврзаност помеѓу играњето видеоигри и задоволството од животот – заклучуваат истражувачите.

Професорот Мајк Кук од Кралскиот колеџ во Лондон ги коментираше овие резултати и објасни како тие ни помагаат да разбереме дека играњето видеоигри е добро за секого и дека е исто толку важно за децата како што е важно за постарите бидејќи стануваат „извор на социјална поврзаност и ментален предизвик“.