Американската технолошка компанија „Кавијар“ (Caviar) претстави две свои скапи „златни“ верзии на „Ајфон 16 про“ (iPhone 16 Pro) и „Про макс“ на „Епл“ (Apple).
Станува збор за паметни телефони обложени со 24-каратно злато, а дизајнот е инспириран од „Биткоинот“ (Bitcoin). Како што е познато, криптовалутата „Биткоин“, според некои критичари, денес е контроверзна и е нелегална во некои делови од светот.
„Биткоин-изданието на ‘Ајфон 16 про’ е луксузен омаж на водечката криптовалута во светот. Неговиот дизајн се одликува со сложени 3-Д гравури на логото на ‘Биткоин’, врамено во шема инспирирана од блокчејн, симболизирајќи го неограничениот потенцијал на дигиталните финансии“, соопшти компанијата.
Уште повеќе, за неа се говори дека купувачите или целната група на „Кавијар“ се, претежно, обожаватели на американскиот претседател Доналд Трамп. Брендот, инаку, реши да продаде само 47 примероци од луксузно-модифицираните уреди.
„Овој број ја одразува реткоста и поврзаноста со една од највлијателните личности во модерната политика“, се додава во соопштението.
Така, позлатениот „Ајфон 16 про“ чини 11.130 долари, а позлатениот „Про макс“ – 11.910 долари.