Home ЗАНИМЛИВОСТИ Се намести во редот два месеци порано: Јутјуберот со нетрпение ја чека...

Се намести во редот два месеци порано: Јутјуберот со нетрпение ја чека новата конзола

47

Фановите на “Nintendo” сигурно со нетрпение ја очекуваат новата “Switch 2” конзола, но ретко кој е толку „загреан“ како јутјуберот зад каналот “ChickenDog”.

Имено, тој објави видео во кое тврди дека веќе застанал во ред пред официјалната “Nintendo” продавница во Њујорк – цели два месеца пред официјалното излегување на конзолата.

На тој начин, “ChickenDog” веројатно стана првата личност во светот која чека во ред за “Nintendo Switch 2”, и планира таму да остане до 5 јуни, снимајќи влогови за своето искуство.

Да бидеме фер, неговото „кампување“ не е баш толку екстремно како што изгледа – објасни дека има изнајмено сместување и дека негови пријатели живеат во близина. Исто така, има тим пријатели кои го заменуваат кога тој не е присутен во редот, пренесува “IGN”.

Како што веќе напомена, планира да снима влогови цело време додека е таму, па доколку сакате, можете да следите „лајв апдејти“ на неговиот “YouTube” канал и да видите како напредува.

Ако “ChickenDog” не се откаже, ќе треба да плати 450 долари за основната верзија на “Switch 2”, или 500 долари доколку избере пакет со “Mario Kart”. Сето тоа, се разбира, под претпоставка дека до 5 јуни цената нема да се зголеми поради тарифите на Трамп, кои се причината што “Nintendo” веќе ги одложи преднарачките.