Филмовите направени со помош на вештачка интелигенција ќе можат да го освојат престижниот „Оскар“, велат организаторите.
Академијата за филмска уметност и наука објави нови правила во кои се наведува дека употребата на вештачка интелигенција и други дигитални алатки нема да ги зголеми ниту намали шансите за номинација.
Генеративната вештачка интелигенција, која може да креира текст, слики, аудио и видео како одговор на текстуално прашање, помогна во продукцијата на филмовите што ги освоија највисоките признанија во индустријата во март. Сепак, Академијата соопшти дека ќе се земе предвид колку луѓе придонеле за создавањето на филмот.
Нови правила за подобност на филмови направени со вештачка интелигенција ѝ беа предложени на Академијата од нејзиниот комитет за наука и технологија, додадоа тие. Според новите правила, членовите на Академијата мора да ги гледаат сите номинирани филмови во секоја категорија за да можат да гласаат за победникот.
Употребата на вештачка интелигенција во филмот стана интригантна тема откако Адриен Броди ја освои наградата за најдобар актер за неговата улога во „Бруталистот“ на годинешното доделување на „Оскарите“ во март. Филмот користел генеративна вештачка интелигенција за да го подобри акцентот на актерот кога зборувал унгарски.
Потоа се покажа дека слична технологија за клонирање на глас била користена за подобрување на способностите за пеење на актерите во мјузиклот на Емилија Перез, награден со „Оскар“. Способноста на вештачката интелигенција да го усогласува тонот и да се приспособува на стилот на уметникот, или суптилно да менува нечиј изглед, ја направи популарна и во музичката и во модната индустрија.
Сепак, нејзината употреба останува контроверзна. Актери, уметници и музичари изразија загриженост за материјалите што се користат со употреба на вештачка интелигенција и потенцијалното влијание врз нивните животи.
Загриженост и ограничувања
За време на штрајкот во Холивуд во 2023 година, актерите и сценаристите рекоа дека се плашат оти ќе ги изгубат своите работни места поради вештачката интелигенција.
– Ако можете да ми го земете лицето, телото и гласот и да ме натерате да кажам или направам нешто без моја согласност, тоа не е добро – изјави тогаш актерката Сузан Сарандон.
И сценаристите се загрижени дека студијата, желни да ги намалат трошоците и да заштедат време, ќе им доверат задачи како истражување и пишување сценарија на алатки како „Чет-ГПТ“.
Заштитните мерки околу употребата на вештачка интелигенција се дел од договорот постигнат меѓу синдикатите и студијата за прекин на штрајкот.
И додека некои актери навидум ја прифатија технологијата, други, како Скарлет Јохансон, издадоа предупредувања за можна злоупотреба на нивниот имиџ и работа.
– Вештачката интелигенција сè уште не е доволно напредна за да може да го копира квалитетот на уметничкото дело – сигурно не е доволно за да биде наградена – изјавиле аниматорите во 2024 година.
– Како да ти помага лош писател. Секако дека ќе добиете план, но ако ви треба нешто со емоционална тежина, вештачката интелигенција нема да ви донесе „Оскар“ – смета Џонатан Кендрик, коосновач и претседател на глобалната стриминг-услуга „Рокет фликс“.