Home АПЛИКАЦИИ WeTransfer ги налути корисниците со спорни услови за користење

WeTransfer ги налути корисниците со спорни услови за користење

46

Компанијата се извини поради недоразбирањето и вети дека не користи кориснички содржини за обука на вештачка интелигенција

Популарниот сервис за споделување датотеки WeTransfer се најде на удар на критики откако дел од корисниците ги протолкуваа новите услови за користење како обид за присвојување на содржината што ја праќаат, со цел да се користи за обука на вештачка интелигенција.

Недоразбирање околу обуката на AI

Сѐ започна кога WeTransfer објави измена на своите услови за користење, кои треба да стапат на сила на 8 август. Дел од корисниците, особено професионалци од креативните индустрии, реагираа бурно бидејќи сметаа дека новите клаузули му даваат на сервисот право да ги користи, модифицира, прикажува и дистрибуира нивните датотеки.

Овие одредби предизвикаа загриженост кај многумина кои преку платформата испраќаат чувствителни и авторски содржини. Некои дури и најавија префрлување на други сервиси.

Брза реакција и промена на спорната клаузула

Како одговор на реакциите, WeTransfer веднаш реагираше и го промени спорниот член 6.3 од условите. Новата верзија сега гласи:

„Со ова ни давате бесплатна лиценца за користење на вашата содржина за целите на работење, развој и подобрување на услугата, во согласност со нашите правила за приватност и колачиња.“

Од компанијата објаснуваат дека оригиналната клаузула никогаш не била наменета за обука на AI со корисничка содржина, туку за подобрување на процесот на модерирање, и тоа само во рамки на самата платформа.

Јасна порака од WeTransfer

Во своето соопштение, компанијата нагласува:

„Не користиме машинско учење ниту било каква форма на вештачка интелигенција за обработка на содржината која се споделува преку WeTransfer. Не постои никаква промена во начинот на кој ја обработуваме вашата содржина. Промената на формулацијата имаше за цел појаснување и поедноставување на условите.“

Сепак, компанијата се извини за конфузијата и вети поголема транспарентност во иднина.